Изложба на фотографии од Дени Синадиновски

Во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово во четврток со почеток во 13 часот ќе биде отворена изложба на фотографии (20) –  „Низ објективот на Дени“ од авторот Дени Синадиновски.

Изложбата претставува симбиоза на два уметнички сегменти, чија што приказна започнува во 2012 година. Имено во споменатата година се формира Ансамблот „Македонија“, кој е репрезент на македонската традиционална култура. Уште од самото формирање Дени Синадиновски, етнокореолог, е дел од Ансамблот Македонија.

Првата концертна турнеа на Ансамблот, во Јапонија 2013 година беше појдовната точка за „Објективот на Дени”. Во таа година Синадиновски го купува својот прв апарат и почнува да ги фотографира концертните активности на Ансамблот Македонија. Значаен е фактот дека Синадиновски е стручен кадар во доменот на традиционалната култура, додека пак фотографирањето е негово хоби.

Се чини, тука е главната поента на фотографиите кој тој ги создава. Како познавач на традицијата, воедно и на сценските адаптации на Ансамблот „Македонија“, Синадиновски успева да ги фотографира клучните сегменти. Во неговите фотографии се забележани детали кои само вистински познавач на материалот може да ги забележи.

Во својата десетгодишна работа Ансамблот Македонија создаде низа различни типови на проекти. Од целовечерни концерти преку ревии на носии, телевизиски снимања до специфични сценско уметнички проекти.

Изложбата ќе биде поставена до 20 април 2022 година.

Пишува: Роберт Цветковски, историчар на уметност

 

Коментари

коментар(и)