Опожарената депонија Краста се уште чади. Пожарот во текот на изминатото деноноќие го гаснеле екипи од Територијалната противпожарна единица Куманово , два багера и неколку камиони од приватни компании кои носеле земја, а цистерни на ЈП „Чистота и зеленило“ од раните утрински часови се на терен, информираат утрово од Регионалниот центар за управување со кризи.
„Моментално нема оган, има само чад на некои место и се продолжува и денес со носење на земја и вода“, пишува во дневниот билтен на РЦУК.
Според информациите од РЦУК, во липковското село Стрима, пожарот во делот кој бил во близина на куќите во околината на селото е изгаснат од страна на дваесетина мештани, а вчера попладне имало интервенција и од воздух со 20 налети од хеликоптер од Армијата. Пожарот во тој дел се уште е активен.
И во спротивните делови на с. Стрима , на местото викано „Гури Куќ“, („Црвен Камен“) пожарот е сè уште е активен. И во овој дел теренот е непристапен за интервенција од страна на екипите на терен, поради што евентуалното гаснење би можело да се изврши само од воздух.
„За состојбата се известени ТППЕ – Куманово, ДЗС – Куманово, Шумско стопанство – Куманово и Општина Липково“, се наведува во дневниот билтен на РЦУК.