Исчистени речните корита и одводните канали

АД  „Водостопанство Кумановско -липковско поле“  во изминатиот период исчисти и продлабочи одводни канали во должина од 9300 метри во населените места , а проширени се и речните корита во должина од 6300 метри, информира директорот Оливер Илиевски. Активностите што се реализираат се превентивни со цел да спречи излевање на реките во регионите каде што изминатите години често пати беа поплавувани  земјоделски површини, викенд куќи и домаќинства.

-Исчистено е речното корито од Липково до село Опае. Во наредниот период во зависност од средствата кои ќе ги имаме и во зависност од временските услови треба да поминеме низ село Опае и да стигнеме до село Лопате. Исто така имаме исчистено и заштитено Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце затоа што во изминатиот период се има случувано да биде поплавен . Таму имаме исчистено околу еден километар од речното  корито , проширено е околу четириесетина метри и продлабочено метар до метар ипол  со тоа што сега кога ќе надојде реката Пчиња имаме беспрекорен проток на вода. Исто така имаше една критична точка кај бањата Стрновац, и таму имаме исчистено околу 800 метри и проширено над 30 метри и поставено бедем од страна околу еден до еден ипол метар, изјави Оливер Илиевски, директор на АД Водостопанство „Кумановско –липковско поле“

Екипи на „Кумановско липковско поле“  го исчистија и проширија речното корито на потегот од селото Зубовце до Шупли Камен , а претходно бил  исчистен и одводниот канал во селото  Романовце во должина од речиси три километри и во населбата Карпош.

– Во идниот период исто така имаме критично место во Клечовце на Крива река каде што треба да се продлабочи и прошири уште околу 500 метри. Сакам да напоменам дека Кумановско -липковско поле е задолжено и за општина Старо Нагоричане, Ранковце и Крива Паланка. Имаме и таму неколку критични места . Сега во моментот сме во преговори со АД Бетон и АД Гранит кои ќе работат на новиот пат за граничниот премин Деве Баир и таму каде што ќе се спојува патот со речното корито вишокот на материјал да го депонираат покрај речното корито за да можеме да направиме еден вид на бедем, изјави Илиевски.

Наредниот период, информираше Илиевски, екипите на претпријатието ќе продолжат со расчистување на каналите и речните корита во населбата Ајдучка Чешма, во селото Тромеѓа и на сите останати критични точки во кумановскиот и паланечкиот регион.

Коментари

коментар(и)