(ВИДЕО) И со онлајн настава до солидни резултати

Во услови на пандемија, со успешна онлајн настава, солидни резултати, повеќе освоени награди на локално, регионално, државно, но и на светско ниво, со одлична  реализација на проектите од Еразмус + програмата гимназијата „Гоце Делчев“  ја завршува  учебната година.

– Имаше некои мали технички проблеми со кои што се соочуваа учениците, но секако тие во секој момент беа надминувани, за среќа немавме многу заболени ученици и наставници и наставата комплетно се одвиваше како што треба. Сме задоволни можам да кажам затоа што учениците и покрај тоа што следеа онлајн настава беа успешни на сите натпреаври што се организираа, некои беа со физичко присуство, некои онлајн. Особено ќе ги истакнам првите награди по предметите биологија, физика, хемија, информатика. Посебно задоволство ни направи кога ја добивме веста за ученичката Ања Спасовска која што веќе се пласира за Светска олимпијада по предметот хемија која што ја организира Република Јапонија, а натпреварот за жал ќе се одржува онлајн. Да и посакаме многу успех и како што сме горди како училиште на оваа ученичка, така нека биде горд и самиот град на ваквите успеси. Навистина во последно време можам да споделам радости, среќа и успеси бидејќи во секоја учебна година ние имаме по некој ученик што не претставува на светско ниво. Тоа го докажува квалитетот на нашите наставници и ученици кои се запишуваат во ова училиште, изјави Марија Тодоровска, директор на Гимназија „Гоце Делчев“

Освен онлајн проектите од Еразмус + програмата каде што учениците всушност го покажуваат своето знаење и вештина во областа на англискиот јазик, гимназијата изминатиот период организираше и онлајн средба со учениците од руското училиште „13-та Гимназија “ со кое соработува веќе 13 години, а во наредниот период  ќе се одржи и онлајн настан со француската гимназија со која, исто така соработката е повеќегодишна.

– Пред една недела имавме навистина успешен концерт кој што се одржа во центарот за култура и сега на барање на учениците ќе има реприза, за терминот дополнително ќе бидат известени и учениците и медиумите. Горди сме што нашите ученици се успешни на сите полиња, не само во науката, туку и во уметноста, во техниката. Ќе истакнам исто така дека нашите ученици зедоа учество и на натпреварот што го организираше Народна техника и беа доделени награди на ученици кои што беа најдобри во областа на физиката, хемијата, биологијата, математиката и применета уметност, изјави Марија Тодоровска, директор на СОУ Гимназија „Гоце Делчев“

За разлика од гимназијата, во средното техничко училиште „Наце Буѓони“  наставата се одвиваше комбинирано, теоретските предмети онлајн, практичната настава со физичко присуство на учениците. Директорот Драган Јаневски е задоволен од постигнатите резултати на ниво на училиштето, а за учебната година вели дека поминала без потешкотии.

– Наставата помина без никакви проблеми, се се заврши како што треба, нормално со скратената програма која што стартуваше од први октомври, немаше никакви отстапки од наставните програми, резултатите се на завидно ниво,  неоправдани отсуства од часовите немаше, релативно се беше во рамки на нормалата така што наставната година заврши како што треба, изјави Драган Јаневски, директор на ОСТУ „Наце Буѓони“

По повод крајот на учебната година, министерката за образование и наука Мила Царовска со видеообраќање се заблагодари на наставниците, учениците и родителите за успешно завршената учебна година во вонредни услови поради пандемијата.

Коментари

коментар(и)