Претставници на Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Куманово, во соработка со Општинскиот совет за превенција на детско престапништво при Општина Куманово, вчера во централното градско подрачје спроведоа превентивна кампања под мотото „Застани, јас сум пешак!“.
Кампањата имаше за цел да ја подигне свеста кај пешаците и возачите за почитување на сообраќајните правила и поголема безбедност на пешаците во сообраќајот.
Од надлежните беше посочено дека претрчувањето преку коловоз претставува сериозен ризик за безбедноста и може да доведе до сообраќајна незгода. Истовремено, возачите беа потсетени на обврската да ја намалат брзината и да бидат особено внимателни пред пешачките премини, а особено во близина на училиштата. За време на кампањата, на пешаците и возачите кои застануваа пред обележан пешачки премин им беа поделени едукативни флаери и маици со пораката на кампањата: „Застани, намали ја брзината, јас сум пешак!“.