Караванот ИПАРД Инфо денови денеска во Куманово

Караванот ИПАРД Инфо денови денеска го посети Куманово.

„Ова е можност за сите корисници од овие региони да присуствуваат на средбите, да поставуваат прашања и да го искористат присуството на стручните лица со цел да ги разрешат сите дилеми околу постапката за аплицирање за Мерка 1 од ИПАРД програмата 2021-2027 “, посочуваат надлежните од Министерството за земјоделство, додавајќи дека Мерка 1 се однесува на инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства.

-Денеска сме во Куманово да презентираме можност за користење на  средства од мерката 1 од ИПАРД програмата. Веќе има објавено јавен повик во февруари кој ќе трае до 29 март годинава. На тој јавен повик можат да се јават сите заинтересирани со свои предлози за инвестиции и доколку се во ред да добијат поддршка од ИПАРД. Во Куманово ќе презентираме како дел од кампања за публицитет на оваа мерка. Посетивме и други места, освен Куманово и завршуваме со таа кампања за информирање веќе утре во општина Илинден.

Мерката 1 е наменета за примарните земјоделски производи, се нарекува инвестиции во основни средства на земјоделските стопанства. Таа е за примарните земјоделски производители, можат да се јават тука и баратели кои што можат да го преработат сопственото примарно земјоделско производство, значи не откупуваат, но она што им останува вишок или сакаат да постигнат додадена вредност на своето производство можат да се јават како предлагачи на проекти, на инвестиции. Од примарното производство опфатени се секторите житарство односно полјоделство житарици, индустриски производи, фуражни производи и лозарство – изјави Виктор Младеновски, раководител на Одделение за следење на ИПАРД во Министерството за земјоделство.