Заменик-министерот за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека ќе се кандидира за лидер на партијата, откако СДСМ ја утврди оставката на претседателот на партијата Зоран Заев и распиша внатрепартиски избори по пат на непосредно гласање.
– Во рокот од седум дена, ќе подготвам програма и ќе поднесам кандидатура за претседател. СДСМ е партија со најголем кадровски потенцијал и има поголем број истакнати членови кои би биле одлични кандидати. Постапката е демократска и секој што ги исполнува условите може да се кандидира. Она што е најважно, сите треба да се обединиме околу избраниот претседател – изјави тој.
СДСМ на 12 декември ќе избира нов лидер што треба да го наследи Зоран Заев кој поднесе оставка.
Можност за гласање ќе имаат сите членови на СДСМ кои активно ќе се регистрираат на онлајн алатката.
