Кумановско културно лето со богата програма
Започнува петдневното Кумановско културно лето.
Во организација на културно -уметничкото друштво „Панче Пешев“ од вечерва стартува петтиот Меѓународен фолклорен фестивал „Куманово“ со учество на фолклорни ансамбли од Mакедонија, Србија и Грузија. Утревечер ќе биде одржан концертот „Кенда епике“, на 29 август на градскиот плоштад – „Тумба фест“ по 12-ти пат со учесници од Македонија, Србија и Бугарија. На 30 август со почеток во 20 часот се одржува фестивалот на хип-хоп музиката „Тумсток“, а на 31 август во 20 часот започнува дваесеттиот Меѓународен тамбурашки фестивал кој ќе го отворат Мартинијан Кириловски, Марио Арангеловски, Маргица Антевска и Нино Величковски.
„Тамбурашкиот фестивал ќе се одржи на 31 август со почеток во 20 часот на градскиот плоштад. Фестивалот ќе го отворат „Кумановци за Куманово“ – Мартинијан Кириловски, Марио Арангеловски и Маргица Антевска и јас, Нино Величковски. На настапот музичка пратња ќе биде „Табиет“ од Свети Николе, а подоцна следуваат настапите на ТО „Пљевље“ од истоимениот град од Црна Гора, со солистите Нина Стругар и Драгиша Чолиќ, гостинот од Србија. Фестивалот ќе го затвори Тамбурашката школа на Славко Фрањо Батурек кој има преку 200, заедно со ветераните преку 300 ученици и учесници во училиштето. Со тоа ќе ја заокружиме 20-годишната прослава на тамбурата и тамбурашкото движење во Македонија. Во овие пет дена да ги разгалиме кумановци и жителите од државата, да си уживаат во добрата музика и понуда. Благодарност до Секторот за култура, градоначалникот и Советот на општина Куманово и сите што ја сакаат музиката“, рече Нино Величковски, уметнички директор на Тамбурашки фестивал на денешната прес-конференција.
