„Македонија во светот на хералдиката“ – изложба во Куманово
Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово в четврток со почеток од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Македонија во светот на хералдиката“.
Според историчарот на уметност, Роберт Цветковски по повод 10 јуни, светскиот ден на хералдиката, Македонското грбословно друштво и Националната установа „Трајко Прокопиев “ ја организираат изложбата на која ќе бидат претставени над 70 грбови поврзани со Македонија почнувајќи од 14 до 21 век.
Хералдика или грбословие е наука која се занимава со правилата кои владеат при дизајнирањето, блазонирањето (опишување, читање) на грбовите. Хералдиката е севкупност на грбови како симболичен идентитет на поединци и групи и земји. Хералдиката е уметноста на исцртување на грбовите.
Изложбата на 35 панели се состои од два дела. Првиот дел е за историски грбови поврзани со Македонија од 15-18 век, поделен во 3 дела: Грбовите на Македонија од европските и илирските грбовници, на Кралот на Македонија, припишаниот грб на Александар Македонски и принцот Македон од Ематија.
Вториот дел е за современи македонски грбови, поделен, исто така во 3 дела: грбови на институции и организации, општински грбови и лични грбови
Автори на изложбата се д-р Јован Јоновски, претседател на Македонското грбословно друштво и потпретседателот Иван Нацевски, а ликовното уредување е на Димитриј Михајловски, од истото друштво, кое е единственото стручно тело по хералдика во Македонија.
Промотор на изложбата е публицистот Ставре Џиков.
Изложбата ќе биде поставена до 25 јули годинава.