ВИДЕО: „Медиум Објектив“ започнува со штрајк преку прекин на програмата

Здружението на електронски медиуми „МЕДИУМ ОБЈЕКТИВ“ од денеска започнува со штрајк преку прекин на програмата откако претходно регионалните и локални медиуми побараа, но, не добија ослободување на 50 проценти од плаќање за надоместок за дозволата за 2022 година која ја плаќаат радиодифузерите кон регулаторното тело. „МЕДИУМИ ОБЈЕКТИВ“ уште минатата седмица во писмената најава за штрајк проследена до надлежните институции и министерства и до претставници на политичките партии, побара до 25 април годинава да биде прифатено барањето упатено кон Владата на РСМ на 24 ноември минатата година.

Досега вкупно 94 локални и регионални телевизии и радио станици потврдиле дека се за отпочнување на штрајк заради неисполнетите барања.

Во писмената најава за штрајк е најавен и начинот на кој електронксите медиуми ќе протестираат. Во најавата се вели: Нашето изразување на протест ќе биде преку два стадиума, од кои првиот со гаснење на програмата со траење од 30 минути во прајм тајм термините секој ден, а доколку не постигнеме никаков договор или нашето барање остане игнорирано, после 15 дена од започнатиот штајк преминуваме во вториот стадиум каде следува гаснење на програмата со траење од еден час секој ден и престанување на следење на сите активности на челниците на локалната самоуправа и јавните претпријатија во информативните блокови и повлекување на новинарските екипи од прес-конференциите.

Ваквиот револт произлегува од долгиот период игнорирање на регионалните и локалните медиуми кои несомнено се еден од столбовите на плурализмот во земјата.

Регионалните и локалните медиуми веќе шест години бараат

-промена на законот за АВМУ, посебно во делот на казнените одредби каде локално радио и национална телевизија за истиот прекршок се казнуваат еднакво,

-формирање на фонд за медиуми,

-дополнување на членот 102 од законот за АВМУ,

а резултатот за истиот период е следниот,

-6 проценти или помалку од вкупниот маркетиншки колач во државата завршува кај локалните и регионалните медиуми,

-одлив на финансии од државата по основ рекламирање на странски сателитски медиуми, социјални медиуми и портали,

-континуирано затворање на локални и регионални медиуми

-намалување на бројот на вработени, се вели во соопштението.

Локалните и регионалните медиуми се во многу лоша ситуација и неоходни се решенија, доколку ги сметате за интерес на јавноста да останат активни во општествените активности и да продолжат со информирање на граѓаните, посочуваат од  МЕДУИМ ОБЈЕКТИВ.

Со надеж за брза реакција и ослободување на медиумите за 50 проценти од плаќање за надометок  за дозволата и продолжување со дебата за решавање на останатите споменати активности  во врска со решавање на нашите проблеми, пишува во писмената најава за штрајк.

Инаку, Македонската асоцијација на новинари (МАН) му дава целосна поддршка на здружението на електронски медиуми „Медиум Објектив“ во одлуката да започнат со штрајк преку прекин на програмата.

–Се даваат над 7 милиони евра за НВО од буџетот на РМ, а не се обезбедуваат субвениции за медиумите кои остваруваат дејност од јавен интерес за сите граѓани. Владата финансира несуштински дејности, наместо да обезбеди законска рамноправност за сите медиуми. Мора да дефинираат механизми за кампањи од јавен интерес, бидејќи Македонија е единствената земја во Европа која со закон ги забранува. МАН ќе продолжи да ги поддржува локалните и регионалните медиуми борејќи се за регулирање на нивниот статус и и финансиска независност пред надлежните институции, се вели во соопштението на МАН.

Коментари

коментар(и)