Меѓународна награда за значаен придонес и ликовни достигнувања во минијатурната уметност за Гоце Божурски

Во КИЦ „Офицерски дом“ во Битола на 12 август (под раководство на уметничкиот директор В.Ѓ.Рафик) беше отворено второто „Меѓународно биенале на минијатурна уметност – графика и цртеж“ .  На истото учествуваат 600 автори од 80 држави со повеќе од 800 дела.  Според пристигнатите остварувања и релевантноста на авторите  во меѓународни размери, оваа манифестација се вбројува меѓу најважните во светот. Мошне важно е што веќе е предвидено истото да биде пренесено и во Грција, Србија и Романија, а се преговара и за Полска бидејќи од земјата има повеќе од 100 учесници.

                На свеченото отворање  на битолскиот уметник Ранко Струмениковски постхумно беше доделено признание за неговита сликарска и графичка дејност, а пред се за неговата пионерска и основоположничка активност во локалната средина од областа на графичкиот дизајн.

Истовремено, на Гоце Божурски му беше доделено високо меѓународно признание – „Специјална награда  за значаен придонес и ликовни достигнувања во минијатурната уметност“. Во рамките на Биеналето  Божурски се претставува и со самостојна изложба. Станува збор за еден грандиозен полиптих „Сонот од 1001 ноќ“  со димензии 10 х 1 м. кој всушност е составен од 1001 минијатури. Беа поставени и шест минијатурни книги „101 љубовна приказна“ во кои се содржани по 101 цртеж. Работени се во специфична, автентична, исклучително невообичаена, иновативна, единствена и сосема лично креирана техника која се потпира и надоврзува на „фротажот“. Нежните цртачки третирања создаваат форма налик на „графити“ инкорпорирани во  атмосфера на доминантна поетика на просторот. Во нив се негува еден мошне префинет,  суптилен рафинман со милузлива и лирска чувствителност. Подлогите со разни текстури, апстрактни и асоцијативни контексти  кореспондираат со реално постоечки структури врежани во подлогите кои отстапуваат простор за бројни имиња и иницијали на вљубени. Такви емоционални и чувствени состојби се потенцирани со вгравирани срца како излив на бескрајно голема и вечна  љубов. Но, пораката е и универзална – за сакањето во поширок контекст, за добрината, човечноста…