Во врска со информациите за влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран да ги следат националните портали за итни случаи и строго да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции. Воедно, министерството апелира до сите наши државјани да се воздржат од било какви патувања кон земјите од овој регион, до подобрување на безбедносната состојба. Согласно добиените информации од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, во моментов воздушниот простор над Израел и Иран е затворен, како и аеродромите во Тел Авив и Техеран, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај.