„Модни варијации“ – ревија на учениците од СОУ „Перо Наков“
Средното општинско училиште „Перо Наков“ и годинава организира модна ревија со модели креирани и изработени од учениците од текстилно- кожарската струка под менторство на своите наставници.
Модната ревија под наслов „Модни варијации“, која се организира трета година по ред, ќе се одржи денеска во холот на училиштето со почеток во 18 часот.
„Модни варијации, стилски комбинации и уметнички креации изработени од вредните раце на учениците. Ги покануваме сите љубители на модата, естетиката и уметноста да ја проследат ревијата. Повелете на модниот спектакл во нашето училиште“, стои во повикот до јавноста на училиштето.
Модната ревија ја подготвуваат учениците на насоката за техничар за дизајн на облека, техничар за моделирање и техничар за изработка на облека.