Мултимедијален фестивал на Кокино

На мегалитската опсерваторија Кокино, во недела на 21-ви август, ќе се одржи целодневниот културен хепенинг Кокино Тврдина на сонцето. Мултимедијалниот фестивал има цел да даде поинаква живост и промоција на самата мегалитска опсерваторија, без да се нарушат атмосферата и духот на самиот локалитет.

Активностите ќе започнат во 17 часот со организирани, едукативни тури до опсерваторијата, но и организирани работилници за филигран, керамика, компостирање, оригами, а паралелно со нив ќе се одвиваат и предавања од областа на астрономијата.

Со поетското читање, кое ќе започне во 19 часот, ќе се отвори главната сцена, каде во вечерните часови ќе продолжи музичка програма. Планирани се настапи на Мухамед Ибраими, Фолтин и Кирил Џајковски. Организаторите истакнаа дека посетителите ќе можат да уживаат и во набљудувањето на ѕвездите  и кинопод отворено небо.

Ќе биде изберана краткометражна филмска продукција со која ќе се затвори настанот. Инаку влезот ќе биде бесплатен, а за истиот е организиран автобуски превоз од Скопје, кој чини 200 денари. За време на настанот ќе биде регулиран и пристапот до локацијата со автомобили, за што пак е обезбеден посебен паркинг простор, кој посетителите ќе ги чини 100 денари.

Собраните средства ќе бидат донирани за помош на загрозеното население од поплавените подрачја, а на локацијата ќе има и пунктови за донации. Билетите за возилата и организираниот превоз се достапни во претпродажба преку продажната мрежа на МКтикетс.

Коментари

коментар(и)