35-годишен пожарникар од Куманово бил нападнат вчера пред зградата на Територијалната противпожарна единица, соопштија од Секторот за внатрешни работи Куманово.
Според СВР Куманово, вчера во 17:45 часот, полициски службеници лишиле од слобода двајца кумановци на возраст од 32 години бидејќи се сомничат дека пред зградата на ТППЕ Куманово физички нападнале 35-годишен кумановец, вработен во пожарната. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави, соопшти полицијата.
Нападот го осуди градоначалникот Максим Димитриевски.
„Најостро го осудувам нападот што вчера се случи врз тројца пожарникари од Противпожарната единица Куманово. Недозволиво е напад на службени лица при вршење на својата службена должност. Пожарникарите, како и сите лица кои се во служба на чување на безбедност на граѓаните заслужуваат почит, а не физички напади.
Апелирам надлежните институции итно да реагираат и да постапат согласно законот. Секој сторител на вакво дело треба да сноси одговорност.
Посакувам побрзо опоравување и враќање на работните задачи на повредените лица“, напиша Димитриевски.