„Наце Буѓони“ со најмногу запишани ученици

И по второто пријавување и запишување во првиот уписен рок најатрактивно за полуматурантите е средното техничко училиште „Наце Буѓони“. Директорот на ова училиште, Драган Јаневски информира дека досега вкупно се запишани 243 идни средношколци со настава на македонски јазик и 203 ученици на албански наставен јазик. Согласно Конкурсот од МОН, во техничкото училиште во прва година можат да се запишат 714 ученици во 21 паралелка на македонски и на албански јазик во една од трите струки, машинска, електротехничка и здравствена струка со свои профили.

Малку помал интерес годинава за гимназиското образование споредбено со претходните години. По првото и второто пријавување во гимназијата „ Гоце Делчев“  вкупно се запишани 213 ученици, информира директорката Марија Тодоровска. Во пресрет на третото пријавување на први јули, гимназијата располага со 161 слободно место и една паралелка од 34 ученици со настава на српски јазик. Гимназиското образование нуди шест образовни подрачја: природно – математичко подрачје (комбинација А и Б), општествено – хуманистичко подрачје (комбинација А и Б) и јазично – уметничко подрачје (комбинација А и Б.

Во средното општинско училиште „Перо Наков“, од вкупно пријавените 122 кандидати, запишани се 87 во струките што ги нуди училиштето и 8 ученици веќе се запишани на Спортска академија. Согласно објавениот Конкурс, во прва година во економско-правна и трговска струка –можат да се запишат 442 ученици во 13 паралелки, во текстилно – кожарска струка – 272 ученици во 8 паралелки, а кандидатите можат да бидат дел и од новиот профил графички дизајнер.

За една од струките во средното училиште „Киро Бурназ“  засега се определиме 69 полуматуранти. Надлежните се надеваат дека дел од слободните места ќе бидат пополнети во третото пријавување. Инаку, идните средношколци можат да изберат една од четирите струки со свои профили: земјоделско-ветеринарна струка  за која се предвидени  238 ученици, хемиско-технолошка струка – 102 ученици, лични услуги – 102 ученици и машинска струка  во која можат да се запишат 68 ученици.

Коментари

коментар(и)