На петти април ќе бидат објавени првите јавни огласи од Оперативниот план

Првите јавни огласи за програмата „Самовработување”, „Вработување и раст на правни субјекти” и „Практикантство” од Оперативниот план за активни програми  и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за годинава, ќе бидат објавени на петти април, а останатите ќе се објавуваат етапно по однапред дефиниран распоред и план. Од АВРМ ги повикуваат сите невработени лица и работодавачи преку Центрите за вработување, да аплицираат за програмите и мерките од нивен интерес.

Инаку, Оперативниот план за оваа година изнесува 1,8 милијарди денари, или околу 30 милиони евра. Пет милиони евра повеќе од минатата година за вработување на ранливи категории на граѓани.

Со новиот Оперативен план со кој ќе бидат опфатени  14.685 граѓани, посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години, долгорочно невработени како и на корисниците на гарантираната минимална помош. Зголемен е опфатот за најбараната мерка за самовработување, со што обезбедена е финансиска поддршка за отворање на сопствен бизнис за 2000  лица. Преку „Програмата за самовработување” се доделуваат грантови од 5.000 евра за еден самовработен, односно 10.000 евра за двајца содружници за започнување на сопствен бизнис.Министерката Тренчевска информираше дека за прв пат во соработка со  канцеларијата на УНДП се имплементира мерката за поддршка за креирање на нови работни места преку „зелени инвестиции”

Во фокусот на Оперативен план,  е  еднаквата застапеност на мажите и жените, согласно Законот за еднакви можности на жените и мажите, учество на младите лица до 29 години од најмалку 30% како и лицата со попреченост кои се застапени речиси во сите мерки за вработување.„Со Мерката Практикантство го прошируваме опфатот на 1.620 невработени лица до 34 годишна возраст кај работодавачи од приватен сектор, но и граѓанските организации. Продолжуваме и со мерката „младинскиот додаток”, со кој  3.000 денари месечно ќе бидат исплаќани за 3.500 млади до 23 години, вработени во директно производство или 1.000 повеќе од лани.  А не застанавме и со проектот „Гаранција за млади” како земја лидер во регионот која прва го имплементираше, а не е членка на ЕУ “, рече министерката Тренчевска.

Коментари

коментар(и)