Царинска управа во периодот од први јули заклучно со 8 октомври наплати вкупни приходи од 35,4 милијарди денари (576,4 милиони евра), што е за 3 милијарди денари (48,7 милиони евра) или 9,2 проценти повеќе од истиот период минатата година. Бројот на случаи на заплени во овој период е зголемен за 60,2 проценти, а бројот на пријави за сторени кривични дела поднесени од страна на Царинската управа е зголемен за речиси три пати. Унапредена е соработката со бизнис заедницата и меѓуинституционалната соработка, но и меѓународната соработка, се со цел подобрување на условите за водење бизнис и зголемување на конкурентноста на македонската економија. Ова го истакна директорот Бобан Николовски, на настан на кој пред бизнис заедницата и висок државен врв беа презентирани резултатите од 100 дена од работата на Царинската управа.
Директорот Николовски истакна дека учеството на вкупно наплатените приходи од страна на Царинска управа во вкупните приходите од Буџетот на државата е 41%, а доколку се издвои учеството во даночните приходи – уделот на Царинската управа е 73%.
Николовски воедно го поздрави успехот од работата на царинските службеници на ниво на Царинарниците, при што бројот на записници за непријавена стока споредено со лани е зголемен за 80 проценти. Ги издвои записниците за стока со сомневање дека повредува права на интелектуална сопственост кои се зголемени за 72 проценти во однос на истиот период минатата година. Притоа изречени се вкупно 1.213 мандатни казни што е за 186 проценти повеќе од истиот период минатата година.
Во делот на заложбите за унапредување на партнерските односи со бизнис заедницата преку подобрување на работата на Царинската управа, Николовски потенцира дека во изминатиот период е спроведен Анкетен лист во кој учествуваа сите стопански комори, здруженија и асоцијации. Мислењата и предлозите ќе бидат основа за унапредување на царинската политика.
Притоа како главни идентификувани потреби на деловната заедница се понатамошна примена на поедноставените постапки и поедноставување на постапката за добивање на одобренија; понатамошна дигитализација и обуки за новините во царинското работење; соодветни приоритетни ленти на граничните премини и eдукација за подобрување на интегритетот и професионалноста на царинските службеници, истакна Николовски.