„Ја подобруваме поврзаноста со регионот и ЕУ преку инвестиции во унапредување на инфраструктурата на граничните премини и забрзување на постапките при истовремена ефективна контрола. Истовремено ја зајакнуваме и регионалната и меѓународната соработка која е клучна за размена и мечирање на податоци во синџирот на меѓународната трговија. На овој начин го трасираме патот напред, при што нашата интенција е забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ и подобрување на конкурентноста на македонската економија“. Ова беше клучната порака на директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, на дводневниот состанок на високо ниво во Будимпешта „Зајакнување на регионалната царинска соработка“ на којашто присуствуваа директорите на царините од Западен Балкан и земјите-членки на ЕУ. Настанот е организиран под покровителство на Националната даночна и царинска агенција на Унгарија во рамки на Унгарското претседателство на Советот на ЕУ. Истиот беше отворен со видео порака од еврокомесарот за проширување на Оливер Вархеј кој потенцира дека интеграцијата е многу значајна во процесот на проширување и оти царинските управи имаат клучна улога во овој процес.
Директорот Николовски притоа потенцираше дека голем дел од постигнувањата се овозможени благодарејќи на силната поддршка на Европската Унија.