Општина Куманово објави јавен оглас за ангажирање на 15 невработени лица во рамки на програмата Oпштинско -корисна работа, како дел од проектот насловен „Продолжено –моќно образовно партнерство “. Во програмата можат да се вклучат евидентирани невработени лица за работно ангажирање со скратено работно време со 20 работни часови неделно, за период од шест месеци заради стекнување на вештини и постепено вклучување на пазарот на трудот, информира општинскиот координатор на проектот Тања Стефановска.
Целни групи на невработени лица кои можат да се ангажираат во проектот се невработени лица евидентирани во АВРМ најмалју една година, млади невработени лица евидентирани во АВРМ најмалку шест месеци и родители на деца со пречки во развојот.
„ Продолжено – Моќно образовно партнерство“ се однесува на две категории на лица со интелектуална попреченост, со различни карактеристики и услови во кои живеат и функционираат. Првата проектна идеја или активност има за цел„поединечно школување“ (менторство) во рамки на дневните центри, во кои ќе бидат ангажирани осум лица, а втората се однесува на вклучување седум образовни асистенти во редовниот образовен процес, со која се овозможуваат услови за вистинска инклузија на ученици со интелектуална попреченост во две основни училишта „11 Октомври“ и „ Кочо Рацин“ Куманово“ , велат надлежните.
Ангажираните ќе добиваат 6.200 денари со вклучен персонален данок на доход и осигурување од случај на несреќа при работа и професионално заболување.
Програмата Oпштинско корисна работа е една од активните програми и мерки за вработување усвоен од Владата на РМ. Носители на оваа програма се општина Куманово , министерството за труд и социјална политика, агенцијата за вработување на РМ, УНДП и меѓуопштинскиот центар за социјална работа.
Огласот е објавен вчера, а заинтересираните можат да аплицираат најдоцна до 20-ти септември. Пријави за учество во програмата можат да се подигнат и поднесат во Центарот за вработување во Куманово, а подетални информации можат да се добијат на општинската веб страна, во општината, Центарот за вработување и во Центарот за социјална работа.