Во земјава денеска се одбележуваат 154 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
По тој повод, во Куманово традиционално беше положено цвеќе пред бистата на Гоце Делчев во дворот на гимназијата која со гордост го носи името на визионерот кој го разбра светот како поле за културен натпревар меѓу народите.
Гоце Делчев се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Како член на ТМОРО, бил наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.
Директорката Марија Тодоровска пред присутните истакна дека гимназијалците ја следат визијата на патронот за натпревари на сите полиња.
„Го чествуваме и ја следиме неговата визија за натпревари на сите полиња. На високо ниво се наоѓа нашето училиште на државно, па дури сега започнавме веќе да се натпреваруваме и на светско ниво. Меѓу најуспешните настани, сега во овој период е пласирањето на ученичката Илина Арсовска која успешно го помина прагот на државно ниво и се пласираше на Европска женска математичка олимпијада, која ќе се одржи во Бордро, Република Франција“, истакна Тодоровска.
На денешното чествување гимназијалците рецитираа поезија посветена на Гоце Делчев.
Централното чествување на годишнината од раѓањето на Делчев се одржа во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што од 1946 година почиваат неговите посмртни останки.