Одбележан Светскиот ден на лица со попреченост

Општина Куманово во пресрет на Трети декември – Светскиот ден на лица со попреченост организираше музичко-сценски перформанс  насловен  „ Пат околу светот “. Едночасовната приредба која што се одржа во кумановскиот театар е дел од проектот Општокорисна работа.

– Него го организираат ангажираните лица во рамки на проектот Општокорисна работа заедно со лицата со попреченост на ниво на општина Куманово. Ангажирани се десет лица од кои седум во дневни центри и тројца дефектолози во рамки на училиштето „11 октомври“. Тие добиваат работен ангажман додејка пак лицата со попреченост добиваат континуирано образование изјави Ивана Костовска, координатор на проектот

Партнери на овој проект се УНДП и министерството за труд и социјална политика преку центарот за социјална работа , агенцијата за вработување и општина Куманово.

-УНДП вклучително и Организацијата на Обединетите нации севкупно го помагаат процесот на инклузија на лицата со попреченост во сите аспекти од животот. Нашето учество на денешниов настан е со ограничени ресурси,  меѓутоа од друга страна пак успеавме преку програмата Општокорисна работа да ги вклучиме децата со попреченост и да им обезбедиме редовно образование. Би сакала да им честитам посебно на градоначалникот и на општината Куманово што ги организираат овие настани , јас сум овде по трети пат во Куманово и многу ми е драго што се организираат вакви претстави кои што покажуваат дека децата со попреченост , не дека се попречени туку имаат  други аспекти и други моменти од својот живот преку кои што можат своите капацитети да ги искажат, изјави Луиза Винтон, претставник на УНДП

Годинашните програмски одбележувања на трети декември се совпаѓаат со други два настана, 10 -годишнина од усвојувањето  на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост од страна на Обединетите нации и пет години од ратификацијата  на Конвенцијата од страна на РМ.

Според статистиките на Светската здравствена организација околу  еден ипол до два проценти од светската популација се лица со интелектуална попреченост додека бројот на лица со каква било инвалидност изнесува околу 15 отсто од вкупното светско население.

Коментари

коментар(и)