Директорот на основното училиште „Толи Зордумис“, Дејан Младеновски денеска ги повика родителите на првачињата да ја почитуваат реонизацијата и да ги запишат своите деца во ова училиште каде што надлежните максимално се трудат да им обезбедат на учениците се подобри услови за реализација на воспитно-образовниот процес. Во моментов се работи на поставување на енергетско-ефикасна фасада на објектот и пристапен влез во училиштето според сите стандарди, со средства од МОН, а претходно училиштето со сопствени средства направи преуредување на неколку простории. „Толи Зордумис“ е меѓу првите училишта во градот кое има поставено лифт за да се олесни движењето на учениците со попреченост.
– Сега во моментов сме во фаза на поставување на енергетско-ефикасна фасада, во поодмината фаза сме, а со тоа учениците ќе имаат подобри услови за учење, потопло училиште. Исто така, менуваме и прозорци во нашата спортска сала, се надеваме дека во скоро време и тој дел ќе го завршиме. Овој проект е финансиран од страна на МОН поддржан од општина Куманово, предвидено е енергетски-ефикасна фасада и пристапна рампа според сите стандарди за влез во училиштето. Реконструкцијата започна кон крајот на минатата учебна година во јуни месец, би требало да заврши за шест месеци, со тоа што го реконструираме оној дел за да го опремиме да биде оспособен за пристап на учениците на први септември, односно годинава на втори септември и етапно работиме онаму каде што нема голем проток на луѓе, на ученици. Го завршуваме прво оној дел каде што мислиме дека ќе се движат учениците, а потоа и другиот дел согласно со временските услови, сепак се работи во надворешни услови, топло е и има од министерството има мерки, односно забрана за работа на отворено во одреден период од денот. Во меѓувреме, во внатрешноста на училиштето, ние како училиште се трудиме да преуредиме со средствата со кои располагаме, со многу минимални средства да го оплемениме просторот, учениците да имаат подобри услови и поубаво да се чувствуваат во просториите. Вкупно имаме околу 450 ученици кои што посетуваат настава на македонски и на албански наставен јазик, во две смени. Се надеваме дека од септември со нови сили учениците, првачињата ќе дојдат во нашето училиште. Ги повикуваме сите оние родители кои се уште не ги запишале своите деца, а кои припаѓаат на реонот кај нас, да дојдат и да ги запишат првачињата. Реонизацијата од наша страна се почитува и треба да се почитува, меѓутоа јас тука ќе кажам дека има доста несовесни родители што со секакви документи настојуваат да дојдат и да ги запишат учениците во други училишта во централното градско подрачје да ги отпишат од овде. Меѓутоа, ние како училиште според закон, секако дека секое дете мора да се запише во прво одделение и би требало да ја почнеме новата учебна година тука кај нас, меѓутоа, пак ќе кажам родителите се тие кои прават проблем и на нас и на своите деца, подалеку им е училиштето, изјави Дејан Младеновски, директор на ООУ „Толи Зордумис“
