Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски денеска присуствуваше на јубилејната конференција во Нови Сад, во организација на Министерството за европска интеграција на Република Србија. Основна цел на конференцијата беше претставување на програмите EuroMED, Interact и EPSON, во кои учествува Република Србија, а на настанот присуствуваат и претставници од повеќе регионални општини, високи државни функционери и претставници на регионално и европско ниво, меѓу кои и амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Србија, Андреас фон Бекерат.
„Настанот го отвори Немања Старовиќ, министер во Министерството за европска интеграција на Република Србија. На церемонијата за доделување грантови во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка Србија – Република Македонија, беше презентирана Програмата за двете соседни држави и шесте одобрени проекти од страна на претставникот на Заедничкиот технички секретаријат. На церемонијата учествуваше и министерот Иван Стоиљковиќ од Министерството за локална самоуправа на Македонија. Особено ми е драго што на Општина Куманово и беше доделен грант за проектот „Pathways to Prosperity“. Ова претставува голема можност не само за Куманово, туку и за другите македонски локални единици, кои ќе имаат можност да бидат дел од идни проекти и повици за прекугранична и европска соработка. Во рамки на настанот имавме можност да проследиме неколку панел-дискусии на тема „Глобална Европа: Создавање на иднината на соработката денес“, како и специјалната сесија посветена на микро, малите и средните претпријатија. Во рамки на Националната конференција за програмите за европска територијална соработка, остварив и средба со градоначалникот на Нови Сад, Жарко Миќин, со кого разговаравме за можностите за понатамошна соработка меѓу двата града“, објави на социјалните мрежи Димитриевски.