Отворена изложбата „Перуанска амазонија“

„Перуанска амазонија“ е насловена изложбата на фотографии која што беше отворена вчеравечер во Уметничката галерија. Изложбата ја организираат НУ Музеј Куманово и почесниот конзулат на Перу во Македонија. На фотографиите  е прикажана разноликоста на амазонските народи и  нивниот хармоничен однос кон природата.

Оваа изложба е патувачка и содржи шеесетина фотографии од 18 истакнати фотографи од Перу. Најпрвин изложбата била претставена во Белград , потоа во Археолошкиот музеј во Скопје, а по Куманово , изложбата ќе продолжи во Даблин, Ирска, информира  вишиот кустос во музејот, Анита Ѓорѓиоска, која синоќа  ја отвори изложбата , на која присуствуваше и почесниот конзул на Перу во Македонија, Ненад Јаничевиќ.

– На самата фотографија можеме да видиме обреди и ритуали кои се забележани со фотоапаратот. Овде фотографот имал идеја да ни го прикаже животот на Перуанците, т.е. животот на племињата кои што живееле таму, Ачуарите, народот Ашиника, Бора, Кукума и сл. Општо земено автохтоните народи сметаат дека благосостојбата на поединецот и заедницата зависеле од одржување на хармоничната врска помеѓу видливиот човечки свет и невидливиот свет на божествата, духовите и примарните есенции. Многу дизајнери можеме да видиме дека ја бараат инспирацијата токму во амазонијата, изјави Анита Ѓорѓиоска, виш кустос во НУ Музеј, Куманово

Изложбата обезбедува обиколка на најразноликиот регион на Перу, бројните народи, нивните култури, обреди кои живеат во оваа земја. Изложбата на фотографии „Перуанска амазонија“ во уметничката галерија ќе биде поставена до 19 октомври, годинава.

Коментари

коментар(и)