Во ООУ „Христијан Карпош” денеска се одржа мотивирачка панел – дискусија насловена „Учам за подобра иднина”, организирана од страна на кабинетот на министерот без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030 година, информираат од Општина Куманово.
Оваа стратегија опфаќа повеќе приоритетни области: образование, здравство, вработување, борба против сиромаштија, култура, домување и унапредување на пристапот до документација, со посебен фокус на ромските деца во делот на образованието.
На едукативниот настан се обратија директорот на ООУ „Христијан Карпош” Слаѓан Спасовски, образовниот медијатор Ирфан Мартез, доктор по општа медицина Ресмија Асановска, која ја презентираше својата животна приказна.
Раководителот на Секторот за образование при Општина Куманово Александар Јовановиќ истакна дека образованието претставува клучен чекор кон успех и рамноправни можности во сите општествени сфери за секое дете.
Дискусијата ја проследија ученици од VI до IX одделение, родители, како и претставници од кабинетот на министерот без ресор.
Целта на оваа едукација е да се потенцира дека примарен поттик за младите Роми треба да биде образованието како долготраен процес на знаења и вештини за подобра иднина. Иницијативи од ваков тип покажуваат дека посветеноста и заедништвото се основа за инклузивно општество.