Петрушевски: ВМРО ДПМНЕ бара формирање на експертска влада

„РМ е прва во регионот по бројот на жртви од ковид 19 на милион жители и за жал, петта во цела Европа по однос на оваа статистичка категорија што значи дека државата лошо се справува со пандемијата “ рече на денешната прес-конференција реизбраниот претседател на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, Бране Петрушевски. Според него, виновник за оваа, како што вели,  катастрофа што се случува во државата  е Владата на Зоран Заев.

-Зошто ова го велиме ова? Затоа што првин сите мерки што се преземаат по однос на справување со пандемијата се политизирани и селективни. Последниот пример се изборите во Штип… рече Бране Петрушевски, претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ Куманово

Петрушевски посочува дека како опозиција, ВМРО ДПМНЕ постојано предлага квалитетни мерки за успешно справување со ковид кризата, но Владата не ги прифаќа нивните амандмани. ВМРО ДПМНЕ се залага за подобрување на условите во кои што работат здравствените работници, но и за формирање на комисија од врвни експерти која ќе се справува со пандемијата, рече претседателот на општинскиот комитет на партијата во Куманово.

-Затоа како опозиција предлагавме и се уште предлагаме големи и  квалитетни мерки, но, со жалење констатираме дека вакцинацијата од сезонски грип, за која што укажувавме и баравме да биде спроведена порано, доцни. Нашиот град кој опслужува повеќе од 100.000 жители и околните општини доби неколку стотини вакцини од сезонски грип што е смешна бројка во однос на потребите на овој град. Владата не ги прифати нашите амандмани во буџетот за инвестиции во здравствените објекти, подобрување на условите во кои што работат, поднесовме измена на Закон за заштита од заразни болести и бараме да се формира комисија која ќе се справува со  ковид -19 пандемијата составена од врвни експерти од тие области, луѓе со интегритет со искуство и нивните мерки, нивните препораки да бидат задолжителни за примена на Владата за да ги избегнеме овие селективни и исполитизирани одлуки на Владата, меѓутоа, за жал овие измени се заглавени во собраниските лавиринти. Последна мерка што ја предложивме беше да се искористи можноста од Законот за кризни состојби, Владата да потпише со сите лаборатории и приватните и да им се овозможи бесплатно тестирање на граѓаните, рече Петрушевски.

„ВМРО ДПМНЕ итно бара оставка од оваа Влада и формирање на експертска Влада со цел да се надмине целокупната катастрофа во која се наоѓа Македонија“, потенцира Петрушевски.

 

Коментари

коментар(и)