Пешачките премини повторно ќе се обележуваат

Пешачките премини во централното градско подрачје каде што има најголема фреквенција на луѓе и возила од ден на ден се повеќе избледуваат и покрај тоа што обележувањето на хоризонталната сигнализација ЈП„ Водовод“ го изврши во периодот од месец јули до почетокот на ноември. Брзото избледување на боите е забележано и од надлежните во претпријатието кои што веднаш реагирале до фирмата од која што ги набавиле боите.

-Реагиравме веднаш до фирмата Kрушево -експорт барајќи да дојдат на лице место и да видат за што се работи. Дојдоа луѓето од кои што ги набавуваме боите, лаковите, репроматеријалите и кажаа дека ќе направат анализа на бојата и дека ќе бидеме известени во рок од месец дена затоа што лабораторијата во тој временски рок може да им даде извештај за што се работи. По добиениот извештај побараа рок од уште месец дена за да можат да ни дадат дополнителна понуда, значи сето ова се случуваше во ноември месец  за да видат дали ќе можат да достават по цени кои што се договарани друг тип на боја затоа што се покажа дека овој тип што ни го доставија дека не одговара на сите прописи за обележување. Веднаш стапивме во контакт и со второрангираната фирма затоа што согласно тендерот мора да се обратиме до второрангираната фирма која што ни кажа дека во ноември месец не може да ни понуди бои и лакови по цени кои што и биле во месец јуни кога бил тендерот, изјави Горан Стојковски, директор на ЈП „Водовод“

Прворангираната фирма има рок до крајот  на декември да му одговори на Водовод  дали ќе може да достави бои и репроматеријали по цени кои што биле претходно договорени.  „Доколку не можат да ни достават бои по тие  цени , договорот ќе биде раскинат“ –  вели Стојковски.

-Ќе биде распишан нов тендер за набавка на бои и репроматеријали и овој пат  поради изборите во декември месец не можевме поинтезивно да го изработим. Сега веќе значи временските услови не дозволуваат обележување на градот , до крајот  на декември ќе биде завршена целата постапка, а  со првите сончеви денови ќе биде продолжено со обележување на вертикална и хоризонтална сигнализација. Повторно ќе бидат обележани сите пешачки премини и вертикални сигнализации во централното градско подрачје и ќе продолжиме кон периферијата на градот, изјави Стојковски.

Водовод го врши обележувањето на хоризонталната  сигнализација согласно Програмата  на општина Куманово за 2016 година.   На почетокот на март месец Водовод распиша тендер за набавка на машина за обележување на коловозни ленти. На први април  потпишан е договор со фирма  која што, според директорот Стојковски,  имала најповолна понуда.  Проценетата пазарна вредност на машината била еден милион и двеста илјади денари, а Водовод  ја добил машината  по цена од 678 илјади денари,  што значи дека е направена заштеда од средствата  на граѓани кои што ги плаќаат сметките за вода во износ од околу 500 илјади денари.

Поради закажаните избори во април месец кои што подоцна беа одложени за јуни, па повторно за 11 декември, Водовод во мај месец распишал тендер за репро материјали кој што го добила  фирмата „Крушево- експорт“  во вредност од 948 илјади денари, а  со обележувањето е започнато во јули годинава.

Коментари

коментар(и)