ВИДЕО: Пожарот во Бељаковце е изгаснат – граѓаните да им помогнат на пожарникарите

Изгаснат е пожарот во селото Бељаковце кој изминатиот викенд зафати поголема површина со стрништа, нискостеблеста шума, но и неколку стари напуштени куќи. Во гаснењето на пожарот учествувале четири противпожарни екипи, екипа од Дирекцијата за заштита и спасување, вработени во кумановската подружница на „Национални шуми“, како и локалното население.

Од Територијалната противпожарна единица Куманово денеска апелираа до мештаните да ги уредат дворовите, да ја искосат тревата и доколку се во можност со земјоделска механизација да изораат околу објектите за да се избегне опасноста од евентуално проширување на пожарите кон викендиците, куќите, помошните објекти.

Клучен елемент за спречувањето пожари од пошироки размер е брзо откривање, пријавување на телефонскиот број 112, но и вклучување на месното население доброволно во интервенциите со соодветна опрема за гаснење на пожари, посочуваат надлежните.

Вчера во текот на вечерните часови голем пожар избувнал и во кратовското село Димонце, каде што на испомош интервенирала екипа од ТППЕ Куманово и две екипи од ТППЕ Старо Нагоричане.

Изгаснат е и големиот пожар кој беснееше во селата Ругинце, Облавце и Сув Орах.

Пожар вчера имало и во селото Отља во општина Липково. Во селото Тромеѓа горело стрниште, а ноќва половина час по полноќ, горел смет на булеварот „Октомвриска револуција“.

Надлежните потсетуваат дека од 01.07.2025 година до 31.08. 2025 година ќе биде на сила целосна забрана за движење во шумите.