Последни подготовки за активноста „Млади атлети“ на „Инклузива“

Активноста „Млади атлети“ на здружението „Инклузива“ продолжува и годинава, овојпат со поддршка на општина Куманово. Минатата година како пилот проект беше поддржан од Специјална олимпијада Македонија, информира претседателката на „Инклузива“, Благица Димитровска.

Според Димитровска, лани во активноста биле вклучени 125 деца во едно осноно училиште, а резултатите биле видливи за само еден месец, односно се подобрувала моториката кај децата, фината и грубата моторика, концентрацијта, ориентацијата, когнитивните вештини и најмногу социјализацијата затоа што станува збор за инклузивна група, што значи дека заедно спортуваат дечињата со попреченост и децата без попреченост. Претседателката посочува дека бенефит имале и дечињата без попреченост затоа што почнале да ги препознаваат разликите на другите, но и давале несебична поддршка и се дружеле без никаков страв и предрасуди.

„Ова е пример што треба да го практикуваат и возрасните“, вели Димитровска.

Оваа година „Инклузива аплицираше до општина Куманово, проектот е одобрен и поддржан за активности во две училишта.

„Сега во моментот ги формираме групите, повторно ќе бидат инклузивни групи#, вели Димитровска, во едно од училиштата ќе има ученици и од други училишта, не само од едно, така што продолжуваме со полна пареа и се надеваме на уште поголеми резултати и дека од наредната година сите училишта во градот ќе се вклучат со вакви активности затоа што тоа е основно право на децата со попреченост.

Активноста „Млади атлети“ ја реализираат стручни лица од здружението „Инклузива“ и професори по физичко и здравствено образование од училиштата.

Инаку, „Инклузива“ е во фаза на отворање на Центар за индивидуална работа со дечиња со попреченост, кој е поддржан од општина Куманово, тимот на здружението секојдневно се среќава со семејствата, ги слушаат нивните потреби, се прават групи. Покрај овие активности работат и на други проекти со кои ги поддржуваат и образовниот процес, процесот на вработување на лицата со попреченост, но и сите човекови права кои не се застапени целосно во нашето општество, односно укажуваат на проблемите со непристапноста на објектите.

Коментари

коментар(и)