Почина пациент во Литванија од пожарот во Кочани

Министерот за здравство Арбен Таравари утрово по посетата на Здравствениот дом во Липково објави дека починал пациент во Литванија, кој беше испратен на болничко лекување како последица на пожарот во Кочани.

„За жал, утрово, два часа пред да тргнам за Липково, ја добив лошата вест дека еден пациент е починат во Литванија. Од четворицата пациенти, тој беше најкритичниот. Од 1 април му откажа работата на бубрезите, практично беше ставен на дијализа и, за жал, утрово ја добив лошата информација дека починал. 40 отсто од телото му беше со изгореници. Од почетокот главен проблем беше инфекцијата, огромната површина рани што ги имаше на телото. Да се надеваме другите критични пациенти да поминат подобро и да ни се вратат во државата“, рече Таравари.