Презентиран проект за Онлајн маркетинг за зголемување на конкурентноста

Сопствениците на малите и средни претпријатија, претприемачите, земјоделците, занаетчиите до 27 месецов имаат можност да се пријават за учество во европски проект за зголемување на конкурентноста преку онлајн маркетинг, програма која што овозможува излегување на домашното производство од границите на традиционалниот пазар. На денешната презентација на проектот „Онлајн маркетинг –можност за зголемување на конкурентноста“ финансискиот координатор , Марија Митева од Центарот за одржлив развој Елипса од Куманово ги запозна присутните со активностите предвидени со проектот, кој што се имплементира заеднички со бугарскиот партнер Регионален центар за евроинтеграции од Ќустендил.

-Дел од активностите вклучуваат повеќе обуки тука во Македонија и во Бугарија. Идејата со тие обуки е претприемачите, малите и средни претпријатија да дознаат како работи таа онлајн платформа која што сакаме да ја имплементираме со која што ќе можат да ги пласираат своите  производи на меѓугранично ниво, тука во Македонија и во Бугарија, изјави Марија Митева, финансиски координатор од Центар за одржлив развој  Елипса Куманово

Според Митева, предвидено е во обуките да бидат вклучени 60 учесници, по дваесет учесника од Македонија и од Бугарија и уште 20 луѓе кои што ќе бидат тесно поврзани со проектот.

Пријавувањето за потенцијално учество во меѓуграничниот проект поддржан од Европската Унија веќе е отпочнато, а интересот е огромен, посочуваат од ЕЛИПСА.

Заинтересираните можат да аплицираат на elipsa.marija@gmail.com .

Проектот е започнат во јули месец годинава , а ќе трае до октомври наредната година.

Коментари

коментар(и)