Прекугранична соработка на Старо Нагоричане со Рила

Туристичко- информативен центар ќе се отвора на територијата на општина Старо Нагоричане во рамките на проектот „ Изградба на мост на туризам- спој на заедничко наследство “. Проектот  го имплементира општина Старо Нагоричане во партнерство со општина Рила, Република Бугарија, во рамките на Првиот повик од Програмата за прекугранична соработка  помеѓу нашата држава и РБ – INTERREG. Туристичкиот центар ќе биде лоциран на местото на поранешниот Задружен дом во селото Младо Нагоричане , кој што наредниот период  ќе биде реконструиран и претворен во информативен објект за туристите.

-Специфична цел  е зајакнување на туристичкиот потенцијал во регионот  преку иницијативи  за соработка за зачувување  и одржливо користење на природното и културното наследство. Општа цел на проектот е подобрување на локалната економија преку промоција  и развој на туристички потенцијали во општина Старо Нагоричане, изјави Милован Стојковски, градоначалник на општина Старо Нагоричане

Проектот предвидува основна целна група да бидат  менаџерите и персоналот ангажиран во секторот туризам  и невладините организации од двете општини , локалните власти  и  туристите од двете страни на границата.

-Очекувани резултати  за општина Старо Нагоричане се : основање на туристичко -информативниот центар , промовирање на туристичката понуда на Старо Нагоричане  како и промоција на едукативниот центар за стари занаети и работилница за изработка на сувенири, изјави Стојковски.

Преку отворање на туристичкиот центар ќе се придонесе за поголема промоција на туристичката понуда на Старо Нагоричане. Оваа општина изобилува со бројни манастири, цркви и локалитети кои што привлекуваат огромен број старнски туристи. Станува збор за мегалитската  опсерваторија Кокино, манастирот Карпино, комплексот Костоперска карпа со  црквите Света Петка и Свети Ѓорѓи Победоносец, спомен костурницата Зебрњак, средновековната црква Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане , меморијалниот центар АСНОМ  во Пелинце.

Она што како дел од проектот треба да го реализира партнерската општина Рила е реновирање на старата византиска црква „Свети Архангел Михаил“ препознатлива по својата внатрешност, фрески и иконописи, посочува градоначалникот Стојковски.

Се предвидува проектот да биде имплементиран  до 27 април 2018-та година.

Коментари

коментар(и)