Премиера на „Имотот на агата“ во Театар Куманово

„Имотот на агата “, според текстот на „Просидба“ од А. П.Чехов, во режија на Марко Богдановски , премиерно ќе биде изведена утре во Театар Куманово. Акцентот во претставата е ставен на телевизиските медиуми во нашата држава. Преку сатирична игра се пренесува компетентноста и способноста на една телевизија да пренесува информации. Актерската екипа која не сакаше да открива многу детали за претставата ги повика кумановци да дојдат и да уживаат во едно несекојдневно дело.

-Имотот на Агата е наслов даден отпосле не е оригиналниот наслов, ние се базираме на Просидба од Чехов. Го одбрав Чехов заради тоа што Просидба е една интересна тема што се провлекува низ општеството со векови па дури и сега ги има тие моменти и сите тие комични елементи што самиот автор ги напишал, ние пробуваме преку сатирична игра да дадеме посилен акцент на тој хумор. Имотот на агата се вика бидејќи имотот на Агата се случува секојдневно барем тука кај нас во нашата држава, во сите домаќинства, семејства-посочи режисерот на претставата, Марко Богдановски.

-Станува збор за култен текст , Просидба на Чехов, но ставен во сосема поинакви околности, различно поставен како дел од нашето секојдневие, нема да откривам повеќе детали би сакала да дојде публиката и самата да види што имаме сработено бидејќи ако зборувам за концептот тоа  е откривање на целата претстава. Ја играм Наталија и самиот лик е ставен во поинаков концепт во нашата претстава и тоа за мене беше преголем предизвик, бидејќи прв пат играм нешто такво-истакна актерката Владанка Димковска.

-Имотот на агата ќе биде претстава што ќе докаже дека за добра претстава не ти требаат не знам колку пари, и гломазна сценографија, отмени костими, туку само добри актери, два стола и маса и Емил-нагласи актерот  Марко Трајковиќ.

-Не случајно на постерот насловот на претставата се наоѓа во екранот на телевизорот преку аудиовизуелните елементи прикажуваме една измислена телевизија и нејзината апсурдна програма. Можам да кажам дека сите снимени материјали се снимени од актерите и уште неколку пријатели- истакна Емил Пачковски, задолжен за аудиовизуелни елементи.

Претставата која ќе се изведе на малата сцена во кумановскиот театар ќе започне во 20 часот.

Коментари

коментар(и)