Продлабочување на соработката со Србија

Унапредување на правата и можностите на учениците кои припаѓаат на српската етничка заедница со можност за отворање на билингвални паралелки во основните и средните училишта беше една од главните теми на денешната средба на градоначалникот Максим Димитриевски со амбасадорката на Република Србија во Македонија, Душанка Дивјак –Томиќ, во присуство на претставници на Министерството за образование на Србија и Секторот за образование во Општина Куманово.

-Им посакувам успешна соработка и со општината и со нашите претставници од општината кои што заедно ќе работат и ќе оформат заедничко работно тело кое што ќе работи на анкетирање на учениците за можност за воведување на ваков тип на настава. Ние како Општина се залагаме за унапредување на правата на сите етнички заедници во Општина Куманово и ќе продолжиме во тој дух да креираме можности за сите и првенствено да градиме едно реално милтикултурно општество како што била заложбата и до сега , да продолжиме и понатаму Куманово било и ќе биде мултиетнички град, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

На можното отворање на билингвални паралелки во училиштата во Куманово ќе претходи формирање на заедничко работно тело кое што ќе ги направи потребните анализи и анкети за интерсот за изучување на српскиот јазик.

– Ја разгледавме можноста за проширување на соработката во областа на образованието во смисла, излегување во пресрет на интересите на српската заедница во Куманово и пошироко за изучување на српскиот јазик на сите нивоа. Тука разгледавме кои се оптималните варијанти, се договоривме конкретно  претходно да се направи една анализа и анкета во поглед на интересите, а она што е многу важно, самото престојување на делегацијата на министерството за образование на РС овде е конкретна потврда дека  РС посветува големо внимание на оваа обалст и дека само заедно и со продлабочување на нашата соработка можеме да излеземе во пресрет на интересите кои постојат овде. Со оглед дека сум овде веќе долго можам да кажам дека припадниците на српскиот народ овде во Македонија доста често се жалат  дека нема доволно простор во училиштата за учење на српски јазик. Еден напредок е направен со тоа што Владата на Македонија донесе одлука српскиот јазик да се изучува како изборен предмет почнувајќи веќе од наредната училишна година, колку што знам дури сега е утврден и одобрена таа програма за трето одделение, во процес е изработка на програма за четврто одделение , но она што треба сега во наредниот период да ставиме акцент на повисокото ниво на образование, значи средно училишно образование, изјави Душанка Дивјак Томиќ , Амбасадор на РС во РСМ

-Со еден пакет да го унапредиме образованието, првенствено на српските деца, но секако и на сите останати деца кои сакаат да учат во билингвална паралелка, билингвален проект или настава. Се надеваме дека ќе успееме во тоа, во каков правец ќе се развива нашата натамошна соработка зависи од децата, од нивните родители, дали тоа ќе биде економска струка, медицинска, ИТ технологија итд, но се надеваме дека ќе можеме да го реализираме  тој програм и децата да добијат една вертикала да го поврзат  основното и средното училиште, изјави Миленко Мацура , советник во министерство за образование на РС

Во Општина Куманово единствено училиште во кое што се изучува српскиот јазик е „Браќа Рибар“  во село Табановце.

Во гимназијата „Гоце Делчев“ има можност за изучување на српскиот јазик во билингвална паралелка,  македонско – српска, но до сега немаше интерес од учениците.

Коментари

коментар(и)