Проектот за Чоробенско ќоше „на пауза“

Се уште не се знае кога ќе започне да се гради административно-деловниот објект на Чоробенско ќоше. Изведбениот проект веќе подолго време е изготвен со сите планирани фази, тврдат надлежните, но за да се отпочне со реализација општината прво треба да го реши прашањето околу сопственичкото право на дел од земјиштето па дури потоа да добие согласност од Комисијата за експанзија на градби.

-Имаме околу 300 метри квадратни површина која не е сопственост на РМ. За да се реши таа работа не можеме да одиме со експропријација бидејќи луѓето сакаат некаква компензација во објектот што е можеби и лесно решлива работа, меѓутоа ако дојдеме во таква ситуација ние треба да имаме трајно корисничкио право на тоа земјиште за да се распише тендерска постапка односно да се издаде дозвола, така се одолговлекуваат работите веќе 4-та година, изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

Комплексот освен што ќе биде економски исплатлив ќе има и други значења за градот.

-Овој објект, овој проект е многу важен проект од функционално значење, но и од естетско значење за градот, изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово

Се предвидува комплексот да зафаќа околу 5.500 метри квадратни комерцијални содржини, а во долниот дел ќе се изградат подземни трикатни гаражи и јавен тоалет. Во новиот објект, освен за општинската администрација, ќе има просторни услови и за дел од подрачните единици на министерствата, ветуваше Дамјановски во предизборната кампања во април 2013-та година. Овој проект, според надлежните е еден од најатрактивните кои досега се реализирани во општина Куманово. За новата општинска зграда која ќе се гради со европско партнерство ќе бидат потребни околу 7 милиони евра.

Во  меѓувреме,  поради недостиг од просторни услови за општинските служби, локалната самоуправа деновиве зела под закуп неколку канцеларии во просториите во  стар  „Козјак“.

Коментари

коментар(и)