Промоција на „Мини прирачник за поезија“

По повод објавувањето на  книгата есеи „Мини прирачник за поезија“, во Куманово ќе се одржи поетско дружење со поетесата и слемерка Елена Пренџова .

„Мини прирачник за поезија“ е седма по ред книга на Пренџова и прва книга есеи по претходно објавените збирки поезија. За неа поетесата изјавува: „Ова е моја прва објавена книга која не е збирка поезија. Сепак, врската со поезијата е очигледна, затоа што оваа книга претставува збирка размисли и ставови за поезијата и актуелната поетска сцена. Чувствувам дека една ваква збирка си должев себеси по многуте експериментирања и истражувања во различните поетски стилови“. Книгата содржи десет есеи обајвени во периодиката, презентирани на поетски средби и фестивали, но и претходно необјавени текстови.

Воведна реч за делата на Пренџова ќе има поетесата Оливера Доцевска, која воедно ќе биде и модераторка на вечерта. Доцевска и Пренџова соработуваа како уреднички на Инклузивната антологија на современи македонски поетеси „Ова е моето последно молчење“ што излезе од печат во 2016 година во издание на издавачката куќа „Антолог“.

Елена Пренџова (1985) е магистерка по филолошки науки и дипломирана професорка по англиски јазик и книжевност. Уредничка е на книжевното списание „Современост“ и организаторка на слем-настани низ Македонија. Авторка е на шест збирки поезија: „Љубољубна“  за која ја доби наградата „Караманов 2014“; „Политички коректна поезија“ за која годинава ја доби наградата „Даница Ручигај“ за најдобра поетска книга од авторка-членка на ДПМ; „Живот под ѕвездите“ за која ја доби наградата „Македонска книжевна авангарда“, а истата книга е преведена и објавена на хрватски јазик, како резултат на наградата Најдобар поет на Првите регионални поетски средби во дистрикт Брчко; „Пораки од морето“  за која е добитничка на наградата „Бели мугри“; „Таа“  и „Јас“.

Поетското дружење со поетесата Пренџова ќе се организира во вторник, на 13-ти февруари , во библиотеката Тане Георгиевски , со почеток во 18 часот.

Коментари

коментар(и)