Психијатриски третман за убиецот на полицаецот

Основното јавно обвинителство – Куманово го доби вештачењето за состојбата во која се наоѓал и се наоѓа осомничениот за убиството на полицискиот службеник, што по Наредба на надлежен јавен обвинител ги подготви јавната здравствена установа – Психијатриска болница – Скопје. Согледувајќи ги наодите и мислењето кои укажуваат на непресметливост на лицето, јавниот обвинител до Основниот суд – Куманово достави Предлог за определување на мерка – Задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа.

Настанот се случи во јули годинава кога при интервенција по пријава за семејно насилство животот го загуби еден припадник на полициските сили. Пријавениот за семејно насилство нападна четворица полицајци кои дошле во неговиот дом, при што на едниот му нанел фатален убод со нож во пределот на грбот. Поради сериозноста на повредата полицаецот почина, а напаѓачот – лице кое претходно повеќе пати било хоспитализирано за психијатриско лекување, беше притворен.

Истрагата за овој кривично правен настан продолжува во насока на утврдување на евентуална одговорност на други лица.

Коментари

коментар(и)