ПУТИН СО ТЕНКОВИ И ВОЈНИЦИ, ЕУ И САД СО ЕКОНОМСКИ САНКЦИИ – КОЈ ПРВ ЌЕ ПОПУШТИ?

ИВАН ДУРГУТОВ

 

Нема ама. Секоја случајност со дневно-политичките збиднувања на нашиот исток, (обидот за) добрососедските односи и блокадата на евроинтегративниот пат, овој пат не е случајна.

Неуспехот на дипломатијата и поразените обиди за деескалација на ситуацијата во Украина се огромен пораз за човештвото и невидена шлаканица за сите нас кои сакаме да живееме во мир нa најстариот континент.

Во неделите зад нас на најбрутален начин видовме дека човековиот вирус кој умее да дојде од длабочината на изопачените умови, знае да биде поопасен и од вирусната зараза по здравјето и човековото секојдневие.

Скандалозното признавање и октроирањето некаква независност од страна на Русија на т.н. народни републики на Доњецк и Луганск во самостојна Украина, го вклучија звукот за тревога во западните демократии. Колку и некој да се надеваше дека ќе се работи само за лажна тревога, три дена подоцна светот, на најмилосрден начин се разбуди со морничави глетки и хаотични вести.

Антивоеното „никогаш повеќе“ ни се случува сега пред очи

Протресувањето на идејата за мир и она антивоеното „никогаш повеќе“ ни се случуваат – сега. Инвазијата од страна на Кремљ своите почетоци ги бележи уште во не толку далечната 2014 година, а имајќи ја предвид јасната прогноза на настаните, првата анексија немаше да биде и последна. Со директниот упад и повреда на територијалната целовитост на Украина, алармот силно свиреше уште пред осум години, се разбира само за оние од продемократскиот блок кои сакаа да го чујат.

Гледајќи од оваа перспектива, прогресивниот дел од светот и либералните демократи, изгледа како да не сакаше или не знаеше како да се справи со отворениот противник на демократијата, Владимир Путин.

Ликот и делото на овој предводник на една скршена империја, главно, се состои во тоа што тој јавно сонува за некогашната советска хегемонија во источниот дел на европскиот континент. Со последните негови чекори, тој на брутален начин ни покажа на сите дека и по изминувањето на повеќе од 30 години од падот на Берлинскиот ѕид, тој нема научено ни пасус од лекцијата таму.

Кога одамна во минатото светот кажа никогаш повеќе за војни, денес Путин искрено вели зошто да не.

Македонските погледи кон руската инвазија на Украина

Определбата на граѓанството, но и на сите покрупни, па и помали, политички чинители во оваа земја се Европската Унија и НАТО. Модусот операнди на левоориентираните, на десноориентираните, на центристичките, на недефинираните, нa позиционите или на опозиционите фактори навистина е различен, меѓутоа определбата е таа.

Без да има потреба да се повикуваме на максимата дека ако сте неутрални во ситуации на неправда, сте ја одбрале страната на угнетувачот, доволно е да се истакне дека од 2020 година, нашата држава е членка на НАТО сојузот и нашите надворешни, па и безбедносни позиции се подразбираат и се јасни.

Оттука, разбирливо повеќето од реакциите и на обичните граѓани, но и на државните претставници беа со осуда на нападот кон суверена земја, членка на Обединетите Нации.

Сознанието дека се војува во земјата со која индиректно граничиме преку две други држави и која е едвај на илјада километри оддалечена од нас е особено загрижувачки. Очекувано е на човек да не му биде сеедно за ниту една војна, но внимавајте, за војна во која агресорот вели дека ја започнува кон соседната земја која е „креирана од Ленин“ и дека истата се бие „за доброто на два братски народи“, хипокритично е да имаме било каков став кој го изразуваме, а кој потоа продолжува со „ама“.

Извор: depositphotos.com

Нема ама. Секоја случајност со дневно-политичките збиднувања на нашиот исток, (обидот за) добрососедските односи и блокадата на евроинтегративниот пат, овој пат не е случајна.

Македонското тло низ историјата и тоа како знаело да биде права дефиниција за „буре барут“. Следствено, иако сме демократија каде политичкото идолизирање го оставаме како индивидуална проценка дали и кому ќе му го подариме, сепак не смееме, а да не ги споменеме и заблудените луѓе кои се воодушевуваат на „лидерството“ на вечниот Владимир Путин. Овие приврзаници кои руската чизма срдечно ги импресионира, едноставно мора да ги потсетиме за неминовните сличности кои нивниот херој ги има со еден неславен минат лик по име Адолф.

Ако историјата ни е вистинска учителка, на поддршка на ваквите ликови во третата декада од овој век не треба ни да помислуваме. Путиновите изјави дека голем дел од украинската територија е всушност руска согласно со тоа како нему му се сонило, не може, а да не влее немир кај човек кој живее на „трусното“ подрачје именувано како Балкан.

Истоимените војни на овој полуостров кои ги исцртаа денешните граници преку поделбата, меѓу другото и на тогашната македонска територија пред повеќе од 100 години, очигледно не се завршена работа за многу вжештени глави и на овие простори.

Погледнато историски, а актуелизирано во денешен контекст, пристапот преку класична војна, посилните соседи да посегнуваат по туѓи територии во нивна непосредна близина изгледа тотално (не)возможен, а истиот е толку многу противправен, циничен и антипатичен. Затоа мантрата за некаква демилитаризација и наводна денацификација на независната држава Украина која силно сака да раскрсти со своето минато е контрадикторна самата по себе кога се проповеда од еден авторитетен и крајно авторитарен лидер.

Лидерството на украинскиот претседател и западната летаргичност?

Од друга страна, Володимир Зеленски, овие денови всушност демонстрира како едно лидерство вистински изгледа преку искрен, сопствен, моќен пример. Додека теоријата говори за модел на „ситуациско лидерство“, сегашниот украински претседател деновиве ги надминува сите можни учебници и ги запознава со овој термин и оние неупатените. Тој поставува нов школски пример за лидер за генерациите кои доаѓаат со славниот одговор на понудата за евакуација – „ми треба муниција, а не транспорт“.

Челникот на оваа земја, која макотрпно се обидува да се отргне од канџите на „големиот брат“ и од минатото со кое сака целосно да раскрсти, оставен сам на себе, како да не беше доволно сериозно сфатен од неговите колеги европски лидери.

Тука и во оваа прилика, целото она кое колоквијално го нарекуваме „Западот“, едноставно мора да претрпи критика за својата „салонска“ политика и за изневерените надежи на многумина, особено големото мнозинство на проевропски ориентирани Украинци. Тие се изневерени, затоа што Европската Унија треба и мора да биде многу повеќе од традиционалното пеење на Одата на радоста на 9 Мај и за нив и за сите нас кои чекаме пред портите на тоа семејство.

Потребата од итни и таргетирани санкции кон воениот агресор

Велат нападот е најдобра одбрана, но во свет кој е глобализиран, дигитализиран и меѓусебно поврзан, најголемите санкции очигледно се оние хибридните. Од постојниот арсенал, ударот по економската благостојба на агресорот, исклучувањето од платниот промет со странство и девалвацијата на националната валута, во комбинација со безусловна меѓународна изолација на пропагаторите на војната, може и тоа како да ја постигнат својата цел.

Токму сега, при одмерувањето на квалитетот и квантитетот на санкциите, мора да надвладее разумот, а не инстинктот, да преовлада желбата за мир, а не реваншизмот. Затоа што Европа е нападната, затоа што налудничавата идеја за предизвикување нова светска војна сè уште лебди низ светскиот воздушен простор.

Затоа што како што изјави американскиот претседателЏо Бајден, алтернативата на овие санкции е физичко војување со Русија и започнување на трета светска војна.

Немилите глетки од сите делови на Украина и бегалската криза во најава, треба да нè потсетат дека своето внимание нужно мораме да го насочиме и кон бојните полиња вон европското тло и кон некои помалку популарни територии. На крајот, како процивилизациски блок ја носиме моралната должност да бидеме промотори на мирот и да повикаме на мирно решавање на сите меѓународни спорови.

За ова, на располагање ја имаме цивилизациската придобивка наречена дипломатија, која мора успешно да ја ползуваме, а која истовремено мора да осигури дека секоја единка ќе ја има толку неопходната слобода за изјаснување за припадност по секоја можна определба по која таа милува.

Коментари

коментар(и)