Ретроспективна изложба на цртежи на Марјан Ризовски во Куманово

На 06.04.2023 година (четврток) со почеток во 19.00 часот во изложбениот салон на Национална установа Центар за култура „Трајко Прокопиев” Куманово ќе биде отворена ретроспективната изложба на цртежи на Марјан Ризовски.

На изложбата ќе бидат претставени четириесетина цртежи во техниката молив со мотиви од стара македонска сакрална и староградска архитектура.

Марјан Ризовски е роден во Скопје 1947 година, кадешто го завршува и Архитектонскиот факултет. До сега има реализирано 17 самостојни изложби во Македонија и надвор од неа, како и повеќе групни изложби.

За неговото творештво историчарот на уметноста Љупчо Маленков ќе запише:

“…Талентот, искуството и љубопитноста за старата македонска сакрална и староградска архитектура допринеле да се создадат овие цртежи кои претставуваат запис на внимателно набљудувани ситуации и фрагменти од реалниот амбиент, кои во цртежот го добиваат своето значење и најсликовито го оправдуваат своето создавање и опстоење. И на рељефот Ризовски му посветува многу внимание како фактор кој условувал да се искористат најмаркантните точки во сликањето на црквите и манастирите. Играта на светлоста и сенките е исто така забележана во неговите цртежи, па така ги среќаваме прекршени и разбиени, добивајки автохтоно значење во специфичниот амбиент. Цртежот е прецизен, но на моменти и условен од уметничкиот нерв. Потезите се умерени и скромни во барањата. На моменти се соочуваме со употребени снажни и вешти ракурси, а друг пат со леснотијата на цртежот во молив. Станува збор за самостојно и афтентично дело кое не наведува максимата дека цртежот е чесност во уметноста…”

Изложбата ќе биде поставена до 12.04.2023 година.

 

Коментари

коментар(и)