„Саеми за вработување 2015 “ во Куманово

8756 лица досега се вработени преку проектот „Македонија вработува“ , а над  4000 компании се вклучени во мерката  која што ги ослободува од плаќање придонеси при вработување на лица од одредени категории. Од нив, 456 лица се вработени во Куманово, 126 во Крива паланка, а 22 во Кратово, рече директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски на седмата по ред манифестација  „ Саеми за вработување 2015“ во Куманово.

– Присуствуваат 40 компании од регионот околу Куманово и од Скопје кои што ги отворија своите работни места да ги понудат на невработените и на сите оние што бараат работа воедно и да  им претстават на младите што е она што се бара да го поседуваат во иднина за да можат да бидат вработени во некоја од овие компании , изјави Влатко Поповски, директор на Агенција за вработување на РМ

Досегашните искуства говорат дека работодавачите најмногу бараат кадар од техничките науки и занаетчиската дејност.

– Доаѓаме од Ван Хол Македонија, нашата компанија има постојано потреба од нови вработувања претежно од техничката струка, инаку ја поздравувам оваа иницијатива на Агенцијата за вработување на РМ во насока на одржување на локални односно регионални саеми за вработување каде што оние кои што активно бараат работа и компаниите кои што бараат вработени можат одблиску да се сретна т и да поразговараат за сегашните односно идните потреби, изјави Виктор Дојчиновски од  компанијата„ Ван Хол “

-Втор пат сме на саем, добар е саемот, доаѓаат луѓе и се нудат за работа, ние сме млинарско- пекарска индустрија , ни требаат млинари, пекари, бурекџии, кифлари, предефицитарен е овој кадар, изјави Моме Велковски, пекара „Моша мел“

– И нашата компанија има потреба од текстилни работници бидејќи ние сме специјализирани за масовно производство на машка гардероба, изјави Кристина Јакимова , од компанијата  „Веибо Груп“

Невработените денеска имаа можност подобро да се запознаат со понудата за нови вработувања и да поразговараат со дел од раководните  лица на компаниите кои се претставија на саемот.

-Барам било каква работа, од хигиеничарка до работа во пекара, изјави Лила Каранфиловска, невработено лице

Откако почнале саемските манифестации вработени се 205 лица, а надлежните очекуваат до крајот на годината бројката да изнесува 400. Следниот саем за вработување е во Скопје на втори декември каде што 90 компании ќе понудат работни места на заинтересираните граѓани.

 

Коментари

коментар(и)