СВР Куманово: Измамени граѓани за одредена сума пари
Секторот за внатрешни работи Куманово информира дека во текот на вчерашниот ден се пријавени два случаи на измамени повозрасни граѓани за одредена сума пари и еден обид за измама.
Според полицијата, вчера во 13.00 часот во СВР Куманово, 74 – годишен маж од Куманово пријавил дека едно лице се обидело да го измами. Според пријавеното, лицето му се јавило на телефон и претставувајќи се како полициски службеник, му кажало дека наводно неговата ќерка предизвикала сообраќајна незгода во која прегазила дете мигрант и ќе треба да даде одредена сума на пари за да не оди во затвор. Како што е пријавено, тој се посомневал во точноста на информацијата и пријавил во полиција.
Истиот ден, во 16.00 часот во СВР Куманово, 66 – годишна жена од Куманово пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 2500 евра. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило на телефон и претставувајќи се како полициски службеник ја известило дека нејзината ќерка предизвикало сообраќајна незгода во која прегазила дете мигрант и ќе треба да плати одредена сума на пари за да не ја гонат кривично. Како што е пријавено, таа ги однела парите на договореното место, а подоцна се слушнала со нејзината ќерка и сфатила дека е измамена.
Во 17.00 часот во СВР Куманово, 83 – годишен маж од Куманово пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 100.000 денари. Според пријавеното, лицето му се јавило на телефон и претставувајќи се како полициски службеник му кажало дека неговите син и снаа предизвикале сообраќајна незгода во која прегазиле дете мигрант и ќе треба да плати одредена сума на пари за да не ги гонат кривично. Како што е пријавено, тој ги однел парите на договореното место, а подоцна се слушнал со неговиот син и сфатил дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во текот на 2024 година во СВР Куманово биле регистрирани две измами со сообраќајни незгоди. Според пријавите, сторителите се јавуваат на телефон, при што со лажно прикажување на факти ги доведуваат во заблуда граѓаните дека член од нивното семејство имал сообраќајна незгода и дека потребна одредена сума на пари за да се изврши операција или да не бидат кривично гонети.
Секторот за внатрешни работи Куманово апелира до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните лица кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на бесплатниот телефонски број 192.
СВР Куманово презема мерки за целосно расчистување на пријавените случаи.