Се намалуваат цените на повеќе од 600 производи

Продолжува акцијата „Помалку трошоци, повеќе за тебе – Се грижиме“, се намалуваат цените на над 600 производи за новогодишните празници, објави Владата.

Повеќе од 600 производи опфатени со новогодишната потрошувачка кошница ќе се продаваат по цени пониски за десет отсто. Празничната кошничка ќе има рок на траење од 15 декември до 15 јануари идната година.

„Решението е различно од сите досегашни. Не е интервентна мерка, не е ограничување на цените, туку договор меѓу Владата, производителите и дистрибутерите, нагласи премиерот Христијан Мицкоски.

Од средината на месецов треба да се намалат цените на основните прехранбени намирници – леб, житарки, месо и сувомесни производи, риба, млеко и млечни производи, свежи овошје и зеленчук.., односно на сите продукти кои вообичаено се најбарани во овој период и се најприсутни на празничните трпези. Опфатени се одредени видови алкохолни и безалкохолни пијалаци, чоколади, бонбони, супи, крекери, апетисани, бискивити, кафе, ајвар… Станува збор за производи определени од производителите и од трговците.