Се одржа судскиот процес Заев –Цветковски

Во отсуство на третообвинетиот Мартин Костовски, претседател на општинската организација на СДСМ во Куманово денеска во основниот суд се одржа четвртото рочиште од судскиот процес против обвинетите Зоран Заев и претставникот на правното лице СДСМ  Дамјан Манчевски  по однос на приватната тужба на Виктор Цветковски, нивен поранешен сопартиец  , за неовластено снимање и објавување снимки.

Свои искази  дадоа Заев и Манчевски, истакнувајќи дека одлуката да се објават снимките во рамките на проектот Вистината за Македонија ја донеле телата и органите на СДСМ, Извршниот односно Централниот одбор на партијата со цел да се обелоденат вистини поврзани со индиции за можни незаконски дејствија на високи претставници на политиката во Македонија.

-Ние сме овде по приватната тужба на Цветковски да ги дадеме сите потребни одговори помагајќи и на правдата секако да излезе до крај ,изјави Зоран Заев, обвинет

-Апсолутно ќе ја почитуваме одлуката на судот , но верувам дека не може да станува збор за никаква одговорноста на СДСМ туку напротив треба да зборуваме за одговорност на сите оние кои што во разговорите ги слушнавме дека сториле толку многу злодела, изјави Дамјан Манчевски, обвинет

Цветковски, инаку генерален секретар на ГРОМ,  поднесе приватна тужба против Заев, Костовски и правното лице СДСМ поради објавување на телефонски разговори меѓу него и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска водени во 2013-та година меѓу двата круга од локалните избори, кои беа објавени во „бомбите“ на СДСМ, на прес-конференција одржана во Куманово.

– Во целиот случај гледам господата од СДСМ си земаа за право да одлучуваат кој во РМ ќе биде снимен и кои од разговорите ќе бидат објавени Денеска од нивните искази не слушнавме ништо друго , исклучиво како обид за дискредитација на мојата личност и од тие причини разговорите биле објавени,  изјави Виктор Цветковски, приватен тужител

На следното рочиште во февруари, свој исказ треба да даде претседателот на општинската организација на СДСМ во Куманово , Мартин Костовски, по што ќе следат завршните зборови.

Коментари

коментар(и)