Едногласно, со 29 „за“, советниците на денешната седница ги усвоија препораките до Управата за јавни приходи во врска со постапувањето при утврдување на даночни обврски за граѓани ангажирани во високоризични и воени зони (Ирак и Авганистан).
Препорака:
- Советот на Општина Куманово застапувајќи ги интересите на граѓаните на општината, упатува препорака до Управата за јавни приходи за следното:
-Да се воспостави ефективна и ефикасна соработка со странски институции и фирми каде што работеле државјани на РСМ во зоните во Ирак и Авганистан , со цел обезбедување точни и сигурни податоци што ќе овозможат правично утврдување на евентуалната даночна обврска.
-Да изврши проверка на постојните меѓународни договори и можни даночни ослободувања кои би се однесувале на на нашите сограѓани кои работеле во воените зони во Ирак и Авганистан, со цел да се утврди дали постојат основи за евентуални даночни ослободувања или спречување на двојно одданочување.
-Да се обезбеди навремено и тековно известување на сите засегнати граѓани за утврдените факти за постоење или непостоење на даночна обврска, пред изготвување на конечни решенија за задолжување.
-Во случај на утврдување на даночна обврска, да се овозможи разумен рок за плаќање на ПДД, вклучително и можност за плаќање на рати без пресметување на камата, имајќи го предвид подолгиот временски период од настанувањето на даночната обврска.
- Советот им препорачува на сите засегнати граѓани да и покрај нашите политички заложби и препораки да ги искористат сите правни средства предвидени со закон доколку сметаат дека е потребно и легитимно за заштита на нивните права.
- Препораката ќе се објави во „Службен весник“.
Во име на засегнатите граѓани, на седницата говореше претседателот на здружението на граѓани „Правда за сите“, Зоран Наковски.