Солистички концерт на Маргица Антевска

Со солистички концерт и изведба на најголемите хитови, Маргица Антевска утревечер ќе одбележи 50 години успешна музичка кариера, во големата сала на центарот за култура. Концертот кој се вклопува во програмата за одбележување 500 години постоење на градот Куманово е поддржан од министерството за култура. На концертот ќе бидат испеани претежно песните напишани лично за Антевска.

-Повеќе посветив внимание на моите композиции, лично мои напишани за мене. Јас имам обработено многу народни песни што се препеани, ќе видиме допрва дали ќе ги пеам, се договараме со соработниците, мојата ќерка и синот се во групата која ќе ме прати, меѓутоа нешто што нема да го отпеам ќе се прикаже на видео бим колку може, за да не доминира тоа, туку да се слуша моето пеење и пеењето на моите гости.Кога се осврнувам назад прво ми е Белград во паметење, тоа време кога гостував таму, кога пеев. Јас не сум тип кој ги форсира работите, меѓутоа веројатно препознале во мене талент за музика, што сум го наследила од моите родители, се редеа фестивали, музичката криера си одеше спонтано, јас сум задоволна од сработеното,  изјави Антевска.

На сцената на центарот за култура, освен Антевска, ќе настапат и други естрадни уметници, колеги и пријатели на Маргица. Дел од нив се Ефто Пупиновски, Ристо Краповски со кого Антевска има дует, како и со Сефедин Бајрамов од Битола , потоа Нино Величковски,  Никола Давидовски,  Перо Христов и естрадниот уметник Дона од Москва.

Љубителите на народната музика, утревечер со почеток во 20 часот ќе имаат можност да ги слушнат најсаканите и најубавите песни на Маргица Антевска. Иако влезот е слободен, посетителите претходно треба да подигнат билети на билетарницата на центарот за култура „ Трајко Прокопиев“.

Коментари

коментар(и)