Со обуки за дефицитарни струки до намалување на невработеноста

Тринаесет невработени лица од социјално ранлива категорија ќе посетуваат петмесечна обука за дефицитарни струки во различни компании. По завршувањето на петмесечниот курс кандидатите полагаат испит и се стекнуваа со сертификат, а потоа ќе бидат вработени шест месеци во фирмата во која се обучувале. Лицата ќе добиваат по пет илјади и петстотини денари месечно додека ја посетуваат обуката. Во проектот освен Куманово вклучени се и општините Старо Нагоричане, Липково и Ранковце. Програмата се имплементира во партнерство со невладината организација „ДРОМ“ и Центарот за вработување Куманово.

– Одредени  лица ќе имаат приоритет во вклучување во програмата.Тоа се лица до 29 години, социјални случаи, со хендикеп и маргинализирани групи, вели Ахмет Јашаревски, од невладината организација „ДРОМ“.

Ќе бидат спроведени обуки за заварувачи, чевлари, фризери, гипсери, монтери, фасадери, молери и еден реставратор во Општина Старо Нагоричане.

– Веќе имаме потпишано договори со шест фирми, за почеток стартуваме со седум лица. Треба да се потпишат договори со уште три фирми каде ќе бидат ангажирани уште седум лица, вели Милорад Тренчевски, раководител на Центарот за вработување, Куманово.

Програмата за обука е пилот проект кој освен во Куманово се спроведува  и во Битола, Тетово и Скопје. Претходно бил применуван во источно – европските земји, а доколку даде позитивни резултати  се очекува да се применува континуирано.

 – Се разбира се соочуваме со одредени потешкотии но ношто не е лесно и тука сум да ги охрабрам колегите. Гледам дека луѓето се мотивирани и среќавам луѓе од Општината, синдикатот и компаниите како работодавци, вели Нијоле Мацкевициене, проектен лидер.

Проектот за стекнување на професионални вештини за дефицитарни занимања е финансиран од Европската Унија и има цел да ја намали невработеноста во регионот.

Коментари

коментар(и)