Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изрази сочувство до семејствата на загинатите во автобуската сообраќајна несреќа што рано утрово се случи во Бугарија.
-Дозволете ми во овие тешки моменти на тага и болка за целата држава да изразам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите во трагичната сообраќајна несреќа која се случи во Бугарија, споделувајќи ја тежината на ненадоместливата загуба. Нека им е вечна слава, нека почиваат во мир…
Иако е тешко да се најдат зборови на утеха, во овие траорни мигови, сакам да порачам како пријател, како човек, дека не сте и никогаш нема да бидете сами, независно на ужаснатa тежина на моментот.
Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби. Нашите мисли и молитви се и со повредените. Од срце посакувам нивно брзо закрепнување и што поскоро враќање во нивните домови, напиша Спасовски.
Министерот објави и дека тим на Министерството за внатрешни работи на Македонија е веќе на пат кон Бугарија за да помогне при истражувањето на причините за несреќата во која рано утринава загинаа 46 лица.