Спасовски: Пресечен меѓународен канал за шверцување дрога

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше за акцијата на МВР, во која бил пресечен меѓународен канал за шверцување и неовластена трговија со дрога и прекурсори. Во акцијата која што се случи завчера во Куманово и Скопје, беа приведени 10 лица, помеѓу кои тројца службеници на МВР и петмина службеници на Царинската управа. Лицата се на возраст од 35 до 53 години. Петмина се од Куманово, четворица од Скопје и еден од тетовско.

Деветмината се сомничат дека извршиле кривично дело „криумчарење“, а тројца од нив дека сториле и кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, додека при претрес кај едниот од нив, односно десеттиот од приведените бил пронајден и одземен кокаин.

„Со фактура за мобилна галантерија во Македонија биле внесени таблети кои не се регистрирани во Агенцијата за лекови. Полициски службеници асистирале, а еден од нив имал и задача да биде чистач на патот за да се пренесе стоката. Самиот влез на овие таблети е кривично дело“, рече Спасовски.

-Извршени се разговори со царински службеници, обезбедени се докази за нивната инволвираност, обезбедени се дополнителни докази… Искористена е и зајакнатата меѓународна соработка, па како резултат на тоа, МВР заедно со австриската полиција на аеродромот во Виена запре огромна пратка од 2,2 тони од ист тип на медикаменти, кои во суштина претставуваат прекурсори, а чија крајна дестинација беше Скопје. Она што во моментов можеме да го кажеме е дека МВР и понатаму продолжува со преземање на мерки и обезбедување на дополнителни докази за расчистување на кривичното дело и обезбедување на дополнителни докази за инвлвираност на други лица во истрагата-нагласи тој.

Спасовски посочи дека МВР ќе продолжи со овие акции, иако постои политичка партија која, како што вели, сака да го саботира овој процес и за тоа веќе е известено и обвинителството. Против осомничените полициски и царински службеници, како што најави министерот, ќе биде поведена дисциплинска постапка и тие ќе бидат суспендирани од работа.

 

 

Коментари

коментар(и)