ССМ: Минимални трошоци за живот за август – 48.234 денари

Минималните трошоци за живот на четиричлено семејство во август месец,  кое живее во стан од 50 м2 и нема автомобил изнесувале 48.234 денари, објави Сојузот на синдикатите на Македонија.

Во сумата е пресметана и инфлациска стапка од речиси 17 отсто, но се земени предвид трошоците за обезбедување на еден ученик за набавка на потребните материјали на почетокот на училишната година што сумата ја зголемува за уште 6.000 денари.

Само за храна и пијалаци во домот се потребни 18.324 денари, за домување 12.493 и за хигиена 2.808 денари. Во ставката превоз пресметани се само два месечни билети, работнички, ученички или студентски во вредност од 3.600 ден. Облеката и обувките би чинеле 2.197 ден, доколку секој член од семејството би купил по едно ново парче месечно во сезоната.

Во пресметката за културата е вклучен по еден кино – билет месечно и редовно купување на еден неделен и еден дневен весник. За одржување на здравјето потребни се 768 денари, со само основните трошоци за лекарства. За хронично болните сумата е значително поголема, објави ССМ.

Коментари

коментар(и)